Next Time Fan Club
Потребна е регистрација за да можете да ги разгледувате останатите содржини на форумот. / Unregistered guests are not allowed to review the other forum contents.


Сите фанови на Некст Тајм на едно место!
HomePortalПрашања/ОдговориЧленовиБарајЧленски групиРегистрирајте сеВлез

Share | 
 

 "Цел ни е да го наполниме Градски стадион"

Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Go down 
АвторПорака
Кате
Модератор
Модератор


Пол : Female
Хороскоп : Virgo
Број на мислења : 535
Поени : 3735
Репутација : 81
Registration date : 2009-03-23
Age : 22
Локација : Скопје, Аеродром

ПишувањеПредмет: "Цел ни е да го наполниме Градски стадион"   Вто Мар 13, 2012 2:25 pm



Мартин и Стефан, на јавноста веќе добро познати како дуото „Некст тајм“ на наше огромно задоволство, беа гости во студиото на Радио „Илинден Мелбурн“.

Разговорот го започнавме од самиот почеток, од нивното појавување на сцената во 2008 година.

Р.И: Почнавте во 2008 година, ајде малку да се потсетиме како почна „Некст Тајм“?
Мартин: Почнавме како многу амбициозни дечки. Од самиот старт знаевме што сакаме и до каде ќе одиме. Не ни беше целта да издадеме сингл и да не снема. Имаме голем влог до денес. Си го бараме местото тука на македонската естрада и мислам дека веќе го најдовме. Негде сме на врвот.

Р.И. Зошто во време кога на естрадата се појавуваа нови рапери и поп изведувачи, вие одбравте да свирите токму рок музика?
Мартин: Секогаш во музиката има рапери, рокери, техно изведувачи, металци. Но, во оној период кога ние се појавивме имаше мала пауза. Се појавивме ние и Влатко Лозаноски. Се издвојувавме на некој начин и после нас дојдоа други.

Р. И. А зошто одбравте токму рок музика?
Мартин: Па тоа го сакаме, тоа го слушаме уште од мали.
Стефан: Сметаме дека најдобро се изразуваме преку рок музиката. Јас како вокал не би можел да се замислам како рапер. Мартин слуша и рап музика, се гледа и по неговиот аутфит. Но прва љубов му е рокот, гитарата.

Р.И. Си имате вие своја верна публика, но колку рокот како звук е прифатен тука кај нас?
Стефан: Рокот си има своја публика, но ние се наоѓаме на покомерцијалната сцена. Јас би го нарекол поп-рок музика, помек рок, што значи, не е убаво да се мешаме со оние стари рокери што повеќе време поминуваат по гаражите, отколку по телевизиите. Мислам дека има ОК рок сцена, но комерцијално нема воопшто. Мислам дека сме едни од ретките што изведуваат поп-рок музика.
Мартин: Ние едно слушаме на страна, друго работиме. Знаеме што ќе се продаде. Додуша и дома слушаме комерцијален рок. Слушаме се што е модерно од тој поп-рок и сакаме тоа да го работиме и тука.
Стефан: Слушаме „One Republic“, „The Script“, „Nickelback“… тоа се такви бендови, еден вид на нов правец на рокот.
Мартин: Се наоѓаме во ново време каде што треба да напредуваме и да слушаме помодерна музика, за да добиваме и инспирација кон што да целиме.



Р.И. Четири години на сцената, имате издадено два албуми, вложено во многу песни и настапи... колку финансиски фитбек имате од вашата работа досега?
Мартин: Сега за сега не е многу важно дали се исплати. Свесни сме за тоа што го вложуваме. Она што го правиме сакаме да ни се исплати на друг начин. Да не забележат ете во Австралија, на Балканот, низ Европа. Да се прошири името на „Некст Тајм“, да правиме турнеи и концерти. Тоа ни е замислата. Од таму ќе почнеме да заработуваме. Се додека сме тука во Македонија голема заработувачка никогаш неможе да има.

Р.И. Вашите колеги музичари почнаа да снимаат албуми и да го освојуваат екс ју пазарот. Тони Зен се шири во Србија, Јоце Панов во Хрватска. До каде сте вие на таа тема?
Мартин: Едно е да снимиш албум, друго е како ќе котираш. Ние сме биле на многу фестивали, на покани од Белорусија, Романија, Швајцарија, но не си даваме за право да кажеме дека таму градиме кариера. Таму сме биле два дена и сме се труделе да оставиме добар впечаток. Работиме и ние на тоа, не планираме тука во Македонија да остареме.
Стефан: Нашата главна амбиција е да се прошириме надвор. Луѓето да го слушнат нашето име и нашата музика. Така би ни се зголемиле шансите за да направиме поголем концерт тука во Македонија. Истото тоа го правеше Тоше Проески. Јас сметам дека да не беше познат низ светот, немаше да го наполни Градски стадион. Ако сме само тука познати може да се радуваме на Универзална сала и на Метрополис Арена. Но доколу успееме надвор и народот види дека постигнуваме успеси и шириме македонска култура и музика, тогаш ќе се радуваме на Градски стадион.

Р.И. Бевте на „Евровизија“, релативно млади и нови на сцената. Какво искуство за вас беше учеството на „Евровизија“?
Стефан: Беше големо, можеби и преголемо искуство за нас, меѓутоа жално е што после „Евровизија“ се враќаш на тезги по македонските дискотеки. Жално е, но тоа е реалната слика на македонскиот музички пазар. Ние се радуваме што имавме можност барем еднаш да ја претставиме Македонија, на тој можеби најголем фестивал во Европа.

Р.И. Влијаеше ли „Евровизија“ позитивно на вашата кариера?
Стефан: Секако дека влијаеше позитивно. Ако дотогаш бевме само деца во очите на јавноста, коишто не ги слушнале како пејат во живо, таму покажавме дека можеме да се носиме со 20.000 публика, да немаме трема и да испееме како ЦД.
Мартин: После „Евровизија“ добивме понуда од Хрватска за соработка. Минатото лето бевме на фестивал во Корчула, кој за жал не се одржа поради невреме. Таму се запознавме со организаторот и со композитори кои сакаат за овогодишеното издание на фестивалот да ни направат песна. Но, сеуште чекаме да видиме што ќе ни понудат и дали ќе ни одговараат условите. Не одиме по секоја цена. Сакаме песната да биде добра и да биде во наш стил.

Р.И. Имате настапи на многу фестивали и освоени многу награди. Да ги спомнеме позначајните.
Стефан: Во период од 4 години имаме освоено 18 награди и многу благодарници за хуманитарна работа. Како Мартин и Стефан сме посетувале многу хуманитарни акции и сме бие хумани. Имаме освоено Златна Бубамара, Евровизија, четири пати Радиски хит, Макфест, Охрид фест, трето место од публика во Бихаќ во Босна.
Мартин: Зимска убавица, мис танга... Се сме освоиле.

Р.И. Зад себе имате два албуми, со кого соработувавте за досега снимените песни?
Мартин: Стефан ги пишува песните. Соработуваме со Дарко Тасев, со младиот продуцент Лазар Цветкоски, но во глобала заедно ги правиме и аранжираме сите песни. Имаме авторски дела, како „Рап анд Рол“ со Тони Зен. Таа е лично моја песна, а текстот на Стефан и Тони.
Стефан: Ова е нашиот втор албум и ни се допаѓа тоа што во првиот албум имавме 3-4 наши песни, а веќе во вториот јас имав мои 8 до 9 текстови.
Мартин: Па следниот албум комплетно ќе биде наш.

Р.И. Кога ги пишувате песните, од каде најчесто црпите инспирација?
Мартин: Од секојдневниот живот.
Стефан: Нешто што најмногу допира до луѓето е љубовта и сметаме дека со таков вид на текст полесно би поминала песната.
Мартин: Но, следниот текст нема да ни биде за љубовта, туку за тоа како во Македонија никој не работи, а сите имаат пари. Сите се на кафе.

Р.И. Одлична соработка имавте со Тони Зен и направивте навистина супер нумера. Како дојде до соработката?
Мартин: Песната беше моја, ја имав готова требаше само уште да ја аранжираме заедно со продуцентот. Комерцијални рап изведувачи, што мене ми се допаѓаат како музичари се многу малку во Македонија. Затоа го одбрав Тони Зен. Дечкото има и изглед и добро се однесува на сцена. Добар рапер е, а воедно сме и добри пријатели. Му се јавив, го прашав дали сака да правиме соработка. Му ја дадов песната да ја слушне. Во песната имаме и бубњар што го тропа бубањот, тој е дел од нашиот бенд. Така да, сите тројца внесовме нешто заедничко и излезе супер.
Стефан: Малку поразличен текст од нашите претходни. Не е љубовен туку инспириран од животот. Се работи за нашиот живот во маалото, надовор од сцената. Во Македонија нема простор да се однесуваш како ѕвезда или како недопирлив човек којшто луѓето неможат да го видат. Едноставно сакавме да кажеме дека многу е трагично во Македонија што помалку време музичарите поминуваат на сцена, а повеќе време во маало.



Р.И. Во последно време тренд е да се има настапи низ локалите ширум Македонија. „Некст тајм“ свират ли негде?
Мартин: Моментално правиме пауза од настапи со цел убаво да се промовира материјалот од вториот албум. Се надевам во брзо време ќе почнеме повторно да настапуваме.
Стефан: Кога ќе одиме да пееме негде сакаме да ја пееме нашата музика, да не пееме песни од „Бјело дугме“ или од „Парни ваљак“.

Р.И. На 20 септември на оригинален начин, со настап во живо и пред многу гости и пријатели го промовиравте материјалот од вториот албум. Чија беше идејата да направите една необична, а сепак оригинална промоција?
Стефан: Фала. Се што го нема во Македонија ние сакаме да го направиме.
Мартин: Идејата беше наша, моја и на Стефан. Без разлика колку и да чини, знаеме дека влегуваме во некои непотребни инвестиции, но сакаме да покажеме што е квалитетно. Најлесно е да изнајмиме кафич во центарот на градот и на самиот влез да го делиме ЦД-то. Тоа не го прават сериозни музичари како нас. Таква промоција како што направивме е тоа што го заслужува брендот „Некст тајм“. Имаше доста посетители. За жал тој ден врнеше, а очекувавме уште повеќе луѓе да дојдат. Помина супер и се надевам дека некој друг после нас ќе направи нешто слично, затоа што треба да го цени она што го работи и да направи една квалитетна промоција. Тој албум сме го работеле со многу труд и жално е да го промовираш на најлош начин.

Р.И. Имаше информација дека самиот ден на промоцијата биле продадени 400 примероци од албумот. После 5 месеци како сте задоволни од продажбата на новиот албум?
Мартин: Па супер иде, за наши услови супер е.

Р.И. Најавивте дека ќе се снимате концерт во живо во Македонската телевизија. До каде е тој проект?
Мартин: Снимен е и помина навистина супер. Се потрудивме и тоа да изгледа навистина убаво. Македонската телевизија има определена опрема, плус ние изнајмивме наша опрема за да изгледа уште поубаво и посветски. Ќе видите сами, треба на почетокот на март да се промовира тој материјал.
Стефан: Исвирени се 6 песни вклучувајќи го и дуетот со Тони Зен. Ние го имаме материјалот дома измиксан и звучи како снимка. Можеби на луѓето нема да им се верува дека тоа е реален звук, како може да звучи еден бенд во Македонија. Но, треба да се навикнат на нешто во што е вложено многу труд и финансии за да звучи така.

Р.И. Што работите ново во моментов? Се спрема ли некој концерт?
Стефан: Еве прво во Мелбурн кога ќе одиме ќе наполниме некоја сала. И луѓето ќе видат дека нешто сме направиле надвор и одма ќе побараат концерт. Кога не прашуваат луѓето која е ваша главна амбиција на музички план, јас велам дека тоа е да го наполниме тој стадион, најголемиот што го имаме.
Мартин: Имаме едно демо што го подготвуваме како нов сингл, но ќе излезе малку подоцна. Најпрво сакаме да го завршиме она што го најавивме дека ќе снимими спот за една од песните, за „Последно од нас“. Сеуште дилемата постои за која песна. Стварно има многу добри песни што заслужуваат да добијат видео издание.
Стефан: За „Последно од нас“ или за една од песните. Се двоумиме сеуште зошто Мартин има свој фаворит. Јас имам мој фаворит, лично моја песна, музика и текст, песната се вика „Лице од рај“. За таа треба да има спот. Мартин смета нешто друго. Кога сме во дилема ги прашуваме фановите на Фејсбук, тие па имаат свои фаворити.

Р.И. Почнавте да соработувате со неколку менаџери, на крај решивте да продолжите сами. Како се снаоѓате? Подобро ли ви е вака сами да се грижите за својата кариера?
Мартин: Подобро е. Имаме ние ПР агенција која стои позади „Некст тајм“ и они се задолжени за нашите работи, но немаме класичен менаџер што оди со нас и ни ги држи чашите од кафе.
Стефан: Во моментов сме во преговори со ПР агенцијата како во мај месец да направиме еден концерт во Метрополис арена. За тоа, нормално се потребни финансии. Сметаме дека тие треба да ни помогнат околу тоа, искористувајќи го нашето име и бренд. Оваа година планираме два концерти, едниот во мај, другиот во декември. Јас искрено едвај чекам да се случи концертот во декември, зошто сакаме да го направиме акустичен, со преработки на песни од наши омилени артисти. Секогаш сум имал желба да пеам нешто друго, зошто нашето ќе го испеам во студио и тоа ми е еуфорија од месец ипол и после тоа престанува.

Р.И. За крај што ќе им порачаме на нашите во Австралија што ќе го читаат ова интервју?
Мартин: За крај се надевам дека ќе ве посетиме во блиска иднина и дека ќе слушнете кои сме ние и колку вредиме.
Стефан: Јас би ги поздравил сите македонци во Австралија и насекаде низ светот. Би сакал дијаспората да се заинтересира и да слушне нешто современо од македонската музика. Знам дека народната музика многу ја почитуваат надвор, ја почитуваме и ние, но мислам дека треба да ни се даде шанса и на нас поп-рок извадувачите. Да видите дека Македонија има одлична музика. Се гледаме набрзо.

Автор: Биљана Божиновска

Извор: http://radioilinden.com.au/index.php?option=com_content&view=article&id=2699&catid=153&Itemid=534
Вратете се на почетокот Go down
http://www.nexttimefanclub.com
 
"Цел ни е да го наполниме Градски стадион"
Преглед на претходна тема Преглед на наредна тема Вратете се на почетокот 
Страна 1 of 1

Permissions in this forum:Не можете да одговарате на темите во форумот
Next Time Fan Club :: Next Time :: Новости / News-
Отиди до:  
Free forum | © phpBB | Free forum support | Контакт | Report an abuse | Sosblogs
http://www.facebook.com/nexttimefanclub.forum